Ова тесто можете да го искористите за секакви колачиња. Новогодишни, престапалки, за првото забче.. Колачињата се меки и вкусни.
(Рецепт од наша драга читателка)




Глазурата можете да ја искористите и за украсување на торти.
Состојки:
Тесто:
- 270 гр брашно
- 120 гр путер омекнат на собна температура
- 1 јајце
- 50 гр шеќер во прав
- 2 кесички ванилин шеќер
- 1/2 пециво
Глазура:
- 1 белка од јајце
- 200 гр шеќер во прав
- 1 лажица густин
- 1 лажица сок од лимон
Подготовка:




За да го направите тестото првин изматете ги путерот и шеќерот. Наместо путер може да користите и коцка маргарин. Потоа додадете го ванилиниот шеќер, брашното, јајцето и пецивото и се добро измешајте во хомогена смеса.




Откако ќе го замесите тестото, ставете го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер малку да отстои околу 20 минути.




На стреч фолија расукајте го тестото до дебелина од 4 мм и потоа со калап извадете ги посакуваните форми. Пример, запчиња, стапалца, новогодишни колачиња и тн.




На плех обложен со хартија за печење наредете ги колачињата и печете ги на 180 степени 10 минути. Откако ќе ги извадете од рерната, не вадете ги веднаш од плехот бидејќи се кревки, почекајте десетина минути и можете да ги тргнете.




За глазурата измешајте ги сите состојки заедно и полијте ги колачињата одозгора. Оставете ги во фрижидер околу два часа да се стегне. Можете да додадете бои во глазурата и така да добиете и шарени колачиња. Или можете да ја оставите глазурата бела а одозгора да ги обоите со маркери за готвење.
Пријатно!