Доколку сте љубител на десерти кои не содржат премногу состојки, ова е рецептот за вас!




Баклавата и тулумбето секако се во предност, додека татлијата долго време неправедно се запоставува, а сега повторно е во тренд. Тие се едноставни, вкусни, брзи и лесни за правење и, што на многумина им е особено важно во денешно време, не бараат премногу состојки.




Состојки:
- 200 мл пиво
- 200 мл масло
- 500 гр шеќер
- 3 кесички ванилин шеќер
- 500 гр брашно
- 100 гр ореви
- 300 мл вода
- 1 прашок за пециво
Подготовка:




Во сад истурете две лажици шеќер, па ставете на тивок оган да се растопи и карамелизира шеќерот. Додека шеќерот е уште топол, прелијте го со пиво и масло, па варете додека не зоврие. Тргнете го од оган, во зовриената течност истурете ги брашното, мелените ореви и прашокот за пециво и се убаво измешајте со миксер за храна.




Смесата треба да биде густа. Префрлете ја во подмачкана тава и печете половина час во рерна на 250 степени, а потоа намалете ја температурата и печете додека колачот не почне да се одвојува од рабовите на тавата.




Кога колачот е готов, извадете го од рерна и оставете го да се излади, па исечете го на коцки и оставете го во тавчето.




Остатокот од шеќерот истурете го во сад, додадете 300 милилитри вода и ванилиниот шеќер и ставете го на рингла да зоврие. Кога одозгора ќе се појави белата пена, тргнете го садот од ринглата и со врелиот прелив прелијте го печеното тесто, па оставете го колачот да го впие сирупот. На секое татли по желба можете да ставите орев, бадем или ф’стаци.
Пријатно!