Кога ви треба нешто сочно, вкусно и брзо, одговорот е свински котлети во сос од кромид. Ви треба само една тава и околу половина час за ова јадење. Идеално гарнирче за ова јадење е компирот приготвен во путер или ориз.




Состојки:
ЗА 4 ЛИЦА:
- 500 гр стекови од свинско месо без коски (8 помали шницли)
- 2 кромида
- 2 лажици брашно
- 300 мл бистра супа
- 25 гр путер
- 2 лажици маслиново масло
- сол
- 2 прстофата бибер
- малку исушена мајчина душица
- малку лук во прав
За послужување:
- 100 гр кашкавал
- неколку гранчиња свежи листови од целер или магдонос
Подготовка:




Излупете кромид и исечете го на тенки парчиња.
Загрејте длабока тава, додадете путер и маслиново масло, и штом путерот се стопи, додадете го кромидот и ставете го да се динста, со постојано мешање, околу 5-6 минути. Потоа додадете 4-5 лажици од бистрата супа и продолжете да крчкате уште 10 минути, додека кромидот убаво да омекне и добие златна боја. Извадете го кромидот на чинија и оставете го настрана.




Додека кромидот врие, подгответе ги шницлите: исушете ги од двете страни, а потоа посолете ги со сол и бибер, посипете ги со мајчина душица и лук во прав. Свртете ги и повторете од другата страна.




Во истата тава во која го готвевте кромидот, испржете ги шницлите. Доколку е потребно, додадете малку повеќе маслиново масло во тавата, а потоа додадете четири шницли и печете ги по 2-3 минути од секоја страна. Извадете ги на чинија и покријте ги.




Вратете го кромидот во тавата, додадете 2 лажици брашно и промешајте кратко, а потоа истурете ја останатата бистра супа и оставете го сосот да зоврие. Додадете сол и бибер, а потоа вратете ги шницлите во тавата и оставете ги сите заедно да вријат уште 10 минути.




На самиот крај посипете со рендан кашкавал, покријте го и оставете да се стопи. Посипете со ситно исецкани лисја од целер или магдонос пред сервирање.
Добар апетит!