За сите љубопитни домаќинки, на кои можеби сеуште им се наоѓа вршник, еве како да приготват домашен леб на селски начин, како што правеле нашите баби.
Состојки:
- 1 кг бело брашно
- 1 доза тесто-квасец (домашен квасец изваден од претходно месење) или 1 квасец во поново време
- 2 мали лажички сол
- 1 лажичка шеќер
- млака вода




Подготовка:
Во сад , со малку млака вода се размешува квасецот со 2-3 лажици брашно, солта, шеќерот и се остава да нарасне. Се додава брашното и се замесува со толку млака вода колку е потребно тестото да стане меко.
Се меси додека да се добие хомогена смеса. На еден крај од крпа се посипува брашно, се става тестото кое е посипано одозгора со брашно, се покрива со другиот крај од крпата и се остава тестото да стаса.




Кога ќе нарасне за околу 3 пати повеќе отколку што било, тестото повторно се размесува, се обликува во кружна форма и повторно се остава да стасува. Кога тестото ќе нарасне двојно повеќе од претходната големина, подготвено е за печење.




Подницата се става, со внатрешната страна, над пламенот во огништето, да се загрее. Со рака се прснува маку вода на подницата и ако цврчи, подницата е доволно загреана. Со помош на маша и лопатче подницата се спушта на земја и внатрешната страна се брише со сува волнена крпа за да се отстрани чадот.




Тестото се пушта да слизне во подницата. Се премачкува тестото со вода, за лебот да не изгори и кората да биде помазна, без брашно, потоа се прават 5 дупчина во тестото со вилушка или нож. Непокриено тестото стои 2-3 минути, додека да се загрее вршникот. Може да се види како тестото нараснува од топлината на подницата. Вршникот прекриен со пепел се загрева на огништето.




Кога е вршникот црвен, вжештен, со него се поклопува подницата. По извесно време, со маша се поткрева вршникот за да се провери како се одвива печењето. Лебот е печен кога веќе не се лепи за подницата и е лесен кога ќе се поткрене. Дали е лебот доволно печен може да се утврди и по мирисот. Печениот леб се завиткува во чиста крпа и се остава да се истишти.




На здравје!