Пита со пилешко или пилешко во пита. Како и да го наречете ова јадење е едноставно уникатно а исто така и декоративно.




Не далеку е и неговиот вкус, па можете да ги изненадите домашните со ова навистина превкусно јадење.




Рецептот ни го испраќа Сузана Павловска.
Состојки:
- пола лажичка лук во прав
- пола лажичка бибер
- пола лажичка сол
- пола лажичка кориандер
- 8 пилешки копани
- 2 компири
- 1 кромид
- 1 црвена пиперка
за кора:
- 350 гр брашно
- 1 лажичка пециво
- 1 јајце
- 50 мл масло
- 200 мл млеко
за премачкување:
- 1 јајце
- 20 мл кисело млеко
- 1 лажица црн сусам
Подготовка:




Рерната загрејте ја на 180 степени. Измешајте ги сите зачини во еден сад, кои се наведени во состојките, лук во прав, бибер, сол и коријандер. Во сад за печење наредете ги копаните па потоа посипете ги со зачините убаво од сите страни. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна 20 минути.




Компирите исечете ги на долги стапчиња па малку запржете ги на масло на оган. Потоа извадете ги на страна и во истата тава ставете ги копаните кои претходно малку ги запековте и додадете им сецкан кромид и сецкана пиперка.




Од состојките за кората замесете тесто. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го во замрзнувач да отстои 10 минути. Потоа извадете го на набрашнета површина и поделете на два дела. Од двата дела направете топчиња и расукајте ги во подебела кора во круг.




Ставете ја едната кора во плех со хартија за печење, по можност поширок плех од самата кора. Потоа врз неа наредете ги копанчињата во круг. На средина и меѓу нив наредете ги компирите и кромидот и пиперката, па одозгора покријте со другата кора.




Краевите на кората меѓу копаните стиснете ги за да не испадне полнењето при печење. Одозгора премачкајте со изматено јајце со кисело млеко и на средина посипете со сусам. Печете во загреана рерна на 180 степени 30 минути.
Пријатно!