Оваа чорба е многу вкусна, евтина и не бара многу вложување во подготовката, а се подготвува за само 30 минути. Доколку сте љубители на чорби, ова е вистинскиот избор за вас.
Состојки:
- 500 гр. риба лосос (може и крап)
- 1 главица кромид
- 1 пашканат
- 1 корен од першун
- 1 целер
- 1 пиперка
- 1 поголем морков
- 3 ливчиња ловоров лист
- 1 лажичка брашно
- 1 лажичка зачин за рибја чорба
- сув зачин по потреба
- црн бибер во зрно
- 1 лажица црвен пипер
- маслиново масло по потреба
Подготовка:
Рибата претходно се подготвува, се мие и се става во тенџере да врие околу 10-15 минути и се додаваат две ливчиња ловоров лист. Откако рибата ќе се свари, се вади и се остава да се излади, па се чисти од кожата и коските. Рибата се сече на мали парчиња.
Во длабока тава, на малку масло пропржете го сецканиот кромид и додадете го подготвениот зеленчук исецкан на коцки. Измешајте и динстајте го кратко време.
Водата во којашто се вареше рибата се прецедува и се истура во тавата со динстаниот зеленчук. Се остава да се вари и малку да врие околу 15 минути.
Додадете го ловоровиот лист, биберот во зрно и исечената риба. Варете уште 10-15 минути.
Во малку вода растворете ги сите зачини, брашно, мелениот црвен пипер, зачинот за риба, сувиот зачин, мелениот бибер и додадете ги во чорбата.
На крај, додадете го сецканиот лист од целер и першун.
Уживајте!
