Направете го највкусниот грав за Свети Никола.
Знаеме како треба да изгледа една маса за славење. Прво доаѓа мезето, главното јадење, а потоа колачите. Наближува Свети Никола, а како што паѓа за време на Божиќниот пост, трпезата мора да биде и брза.
Како главно јадење најчесто се служи риба или морска храна, компир салата, a како прилог ви предлагаме да послужите грав. Пробајте го овој рецепт со сушена пиперка и необично запржување без брашно.
Состојки:
- 1 кг грав
- 1 ловоров лист
- 3 глави кромид
- 2 страка праз
- 30 мл масло
- 2 суви пиперки
За запржување:
- 2 чешниња лук
- 100 мл масло
- 2 лажички слатка пиперка
Подготовка:
Претходната вечер во тенџере истурете грав и вода, па оставете да зоврие. Истурете ја водата и ставете нова, па повторете ја постапката, само сега не истурајте ја водата, туку оставете ја цела ноќ.
Следниот ден истурете ја водата и ставете вода, зовријте и повторно истурете ја. Повторно прелијте нова вода, додадете ловоров лист и масло и варете на тивок оган. Кога ќе биде готов гравот, префрлете го во земјен сад.
На многу масло пропржете ситно сечкан кромид и праз (може и поголем), а кога малку ќе омекнат додадете чаша вода. Сувата пиперка издробете ја во блендер или аван, па додајте ја во гравот, како и кромидот (сите со масло).
Зачинете по вкус, па добро измешајте. На масло пропржете ситно сечкан лук, додадете слатка пиперка и измешајте, па прелијте го гравот. Се пече во загреана рерна на 200°C околу 20-30 минути.
Пријатно!