Џем од смоква за некои е најубавото слатко и во исто време најубавиот џем. Еве го рецептот за најдобриот џем од смоква.
Состојки:
- смокви (количината е по ваша желба)
- шеќер: На секој килограм смокви се става 150 гр шеќер
Подготовка:
Измијте ги смоквите добро, откинете ја дршката и отстранете го оштетениот зелен дел (надворешната кожа), не лупете го остатокот од овошјето. Исечете го овошјето на половини или четвртини во случај на поголемо овошје. Сега измерете ги смоквите и додадете 150 гр шеќер на секој килограм исчистено овошје и ставете се заедно во поголема шерпа.
Гответе го џемот на умерена температура со повремено мешање. Џемот се готви додека не се згусне односно кога ќе се повлече линија на дното на шерпата останува трага. Потоа покријте го сварениот џем со крпа и оставете го да се излади.
Следниот ден (или кога ќе се излади целосно) проверете дали е вистинската густина, ако не, варете уште малку, ако е, тогаш загрејте го и кога ќе почне да врие, истурете го во жешки стерилизирани тегли. Веднаш добро затворете ги со метални капаци, ставете ги во поголем сад, па завиткајте ги во ќебе и оставете да се излади целосно.
Забелешка: ситно сецкани лути пиперки може да се додадат на дел или на целиот џем, со цел да се добие лут џем од смоква, што е одлично со зачинети солени јадења, сирења…
Добар апетит!