Овој оригинален рецепт за гурабии некогаш беше најзастапениот десерт во секое домаќинство. Најчесто се прават за време на пости, па ако за време на претстојниот пост ви се јаде нешто слатко, тогаш овие гурабии се совршени за оваа прилика. Се разбира и за останатиот период од годината се совршени.




Тие се прават многу брзо а се превкусни бидејќи се многу кревки и се топат во уста. Едноставно неможе да им се одолее…
Состојки:
За тесто:
- 1 шолја пиво
- 2 шолји масло
- 1 пакетче пециво
- брашно (по потреба)
- јатки од ореви (по потреба)
За шербет:
- 1,5 шолја вода
- 5 полни лажици шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер
- рендана кора од лимон
- шеќер во кристали (за посипување)




Начин на подготовка:
Во длабок сад го ставаме пивото, маслото, брашно и пециво и замесуваме средно меко тесто како за леб. Од тестото се кинат топчиња кои ги притискаме со рака за да добиеме долгнавест облик и во средината ставаме една јатка од орев. Се виткаат како кифлички и се редат во намаслен плех за печење.
Се печат во загреана рерна на 200 степени околу 5 минути, а потоа се намалува температувата на 150 степени и се печат уште 15-тина минути, дури не поруменат.




Кога ќе се испечат ги вадиме од рерна и оставаме да се оладат.
Во меѓувреме се прави шербетот. Во тенџере, на оган, се става водата и шеќерот да проврие и се додава ванилин шеќер заедно со рендана кора од лимон. Оставаме шербетот да врие уште 4-5 мин.
Гурабиите ладни се потопуваат во врел шербет во кој се оставаат околу 10 секунди и се вадат и се валкаат со шеќер (во кристали).




Супер комбинација за секој период од годината.
Добар апетит!