Овие спирални стапчиња со афион и сусам на многумина од вас им се позната закуска уште од детството. Декоративни се и навистина вкусни.




Вистинска зараза, бидејќи кога ќе почнете, ќе ви биде тешко да престанете да гризете. Одлични се сами, но можете да ги потопите и во ајвар на пример или некој друг зачинет сос. Добро одат и со некои сувомеснати производи или послужете ги едноставно со чаша јогурт. А може и со чаша пиво.
Состојки:
За тестото:
- 250 гр маргарин
- 250 гр урда
- 1,5-2 лажички сол
- 1 прашок за пециво
- 450 гр остро брашно
Повеќе:
- 1 јајце за премачкување
- 70 гр сусам
- 70 гр мелено семе од афион (или зрна)
Подготовка:




Во пластичен сад ставете сечкан маргарин на собна температура. Додадете ја урдата и посолете во зависност од соленоста на урдата и се убаво изгмечете со вилушка и соединете. Потоа додадете го прашокот за пециво и половина од брашното, добро измешајте и започнете со месење со рака со додавање на остатокот од брашното.




Месете додека не добиете фино компактно тесто. Обликувајте ја во форма на топка, покријте ја со фолија и ставете ја во фрижидер еден час. Во меѓувреме, во тавче ставете го сусамот и препечете го на шпорет со постојано мешање 5 минути. Ова го правиме поради посилната и поубавата арома.




Изладеното тесто извадете го од фрижидер, набрашнете ја работната површина и развлечете го тестото тенко, околу 5-6 mm, во правоаголник со димензии приближно 45 × 35 cm.




Земете секач за тесто или остар нож и по желба отсечете ги краевите на тестото за да добиете најубав и правилен правоаголник. Сега целата површина на тестото премачкајте ја со изматено јајце. За полесно превртување на тестото, веднаш со секач преполовете го по должина, а потоа исправено, така на 4 дела. Така ќе биде полесно да се преврти тестото на другата страна, дел по дел, отколку да се преврти целото тесто.




Така, прво посипете сусам по целата површина на премачканото тесто, рамномерно насекаде, внимавајќи да не остане празно. Потоа лесно поминете врз сусамот со лажица или рака за добро да се залепи за тестото.




Многу внимателно свртете дел од тестото на другата страна. Исто така премачкајте ја и другата страна со јајце, па рамномерно посипете го афионот насекаде и исто така натапкајте го добро да се залепи.




Земете секач и исечете тенки ленти широки околу 1-1,5 см. Земете го секој и извртувајте неколку пати за да добиете спирала. Вака формираните спирални стапчиња наредете ги во голем плех обложен со хартија за печење. Ќе ви требаат два плеха. Стапчињата се печат во загреана рерна на 200 степени, околу 15 минути.
Пријатно!