Јајца во лепиња или пак праски во слатко тесто? Уште денес направете го овој десерт и послужете го на семејната трпеза, оној кој прв ќе погоди за што се работи нека добие награда токму од овој прекрасен десерт.
Потребни состојки:
За тесто:
- 500 гр. брашно тип 400
- 200 мл. млеко
- 20 гр. свеж квасец
- 2 лажици шеќер
- 1/2 лажичка сол
- 2 јајца (едно за замесување, другото за премачкување)
- 50 гр. маргарин
- бадеми сечени на тенки листиња (по желба)
За фил:
- 1 кесичка пудинг од ванила
- 2 лажици шеќер
- 400 мл. млеко
- 8 половинки праски од компор или конзерва
Начин на подготовка:
Растворете го квасецот во топло млеко со 1 лажичка шеќер и 1 лажичка брашно. Оставете на топло, да се активира квасецот.
Во длабок сад измешајте брашно, сол и шеќер. Додадете го активираниот квасец, јајце и растопениот путер. Замесете меко тесто, прекријте го со пешкир и оставете да нарасне околу 30 минути. Потоа поделете го тестото на 8 топчиња и оставете ги да одморат уште 10 минути, покриени со пешкир.
За подготовка на филот, во шерпа истурете 300 милилитри млеко и загрејте го на оган, додека не зоврие. Во преостанатото млеко измешајте го пудингот заедно со шеќер, додадете врело млеко и гответе додека не се згусти.
Праските добро исцедете ги од течноста. Земете една чаша за вода и секое топче од тесто нежно притиснете го со дното од чашата, правејќи вдлабнатина во тестото.
Плехот обложете го со хартија за печење и наредете ги оформените гнезда од тесто. Во секоја вдлабнатина ставете по една лажичка од филот со пудинг, а одозгора врз филот ставете по една убаво исцедена половинка од праска.
Краевите од тестото премачкајте ги со едно матено јајце, и поросете ги со листиња од бадем.
Печете во загреана рерна на 200 степени, околу 20 до 25 минути.
Готовите гнезда премачкајте ги со сок од компот. Пред служење посипете ги со шеќер во прав. По желба место праски може да ставите било какво овошје од компот.
Пријатен апетит!