Овој декоративен изглед не само што е вкусен туку придонесува трпезата да изгледа уште поубаво.
Состојки:
- 200 гр. моркови
- 200 гр. грашок
- 350 гр. компир
- 1 кисела јаболка средна величина (и сок од лимон)
- 250 мл. вода
- сол и бибер по вкус
- 1 кесичка желатин (7 гр.)
- 5 големи лажици мајонез
- 3 големи лажици кисела павлака
- 5 јајца
- пиперки
- магдонос за декорација
Подготовка:
Излупете ги морковите и компирот и исечете ги на ситни коцки. Во поголема шерпа ставете ги исечените коцки од компир и морков, додадете го замрзнатиот грашок и налијте вода, околу еден прст над зеленчукот. Додадете сол и бибер по ваш вкус и оставете да се вари зеленчукот.
Излупете ја јаболката и исечкајте ја на ситни коцки и прелијте ја со две лажици сок од лимон за да не потемни. Јајцата сварете ги и оставете да се оладат.
Кога ќе се свари зеленчукот прецедете го и оставете во друг сад од водата околу 250 мл. Во сочуваната вода во која се варел зеленчукот додадете го желатинот. Добро измешајте за да се растопи желатинот, а потоа додадете го зеленчукот, сечканата јаболка, мајонез и кисела павлака. Мешајте додека не се соединат сите додтојки.
Калапот во кој ќе ја ставите салатата обложете го со стреч фолија, така што краевите да излегуваат надвор од рабовите на калапот.
Најпрво во калапот ставете еден слој салата околу 1,5 см дебелина, па наредете ги варените јајца по должина и тогаш внимателно со лажица истурете го остатокот од салатата. Краевите од стреч фолијата преклопете ги преку површината на салатата.
Оставете ја салатата на ладно да преноќи за да се стегне. Вака изладената салата претурете ја во сад за сервирање и украсете по ваша желба.
Добар апетит!