Овој начин на подготовка на пилешки крилца дава многу поинаков вкус од оној стандардниот на кој сме навикнати. Повеќето рецепти кои ги среќавате за пилешко се маринирано печено пилешко во соја сос, но овој е поинаков.
Во овој случај крилца се пржат и само се потопуваат во сосот, па така се служат. Оттаму доаѓа и оваа темна боја, бидејќи соја сосот е користен после пржењето.
Состојки:
- 1 кг. пилешки крилца
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка црн бибер
- 2 полни лажички брашно
- 100 мл. соја сос
- 1 лажица шеќер
- 1 лажица мед
- 1 лажица сусам
Подготовка:
Крилцата одвојте ги од батаците. Загрејте масло во длабока тава, така што маслото треба да биде во поголема количина за крилцата да бидат на површина при пржење. Оставете убаво да се загрее маслото, да биде врело кога ќе ги пржите крилцата.
Во посебен сад измешајте брашно, сол и бибер. Секое крилце валајте го во оваа смеса и спуштете го во тава да се пржи во врелото масло.
Извадете ги пржените крилца и постапката повторете ја исто со батаците. Прво валајте ги во брашно, а потоа ставете ги во тава и испржете ги.
Одделно во тефлонска тава, на оган, ставете 50 мл. соја сос, додадете пола мерка од шеќерот и медот и оставете да проврие. Кога ќе проврие додадете пола мера од сусамот, промешајте и веднаш додадете ги крилцата.
Оставете ги неколку секунди од едната страна па превртете ги од другата страна. Кога ќе го впијат целиот сос, се вадат крилцата од тава.
Истата постапка се повторува и со батаците, со потопување во сос од преостанатата мера од состојките.
Послужете со некој прелив и варен ориз.