Ова слатко се подготвува од кората на портокалот, но и од помали и поголеми парчиња од портокали. Доколку сакате може да ставите и еден до два лимони и ќе добиете прекрасен вкус.




Количина сами си одредувате, ги мерите портокалите пред варење, а потоа ги лупите и сечете и ги подготвувате во парчиња и полжавчиња. Најубаво е портокалите да имаат дебела кора.




Состојки:
- 1 кг. кори и парчиња портокали
- 1 кг. шеќер
- 2 лимони
- 2 ванилин шеќер
- 500 мл. вода




Начин на подготовка:
Најпрво измијте ги добро портокалите и лимоните и ставете ги во раствор од сода и вода да отстојат катко време, за убаво да се исчистат корите. Потоа олупете ги и измијте ги повторно корите.




Направете полжавчиња од долгнавестите парчиња кора, свиткани во кругче и сошиени со конец, па нанижани заедно во круг. Направете го истото и со лимоните.
Ставете ги во ладна вода подготвените полжави и после неколку минути вриење, сменете ја водата.
Направете го тоа неколку пати, пожелно е до десет пати да ја смените водата која зовира кратко, до 3 минути…




Додека тече таа постапка, од остатокот кора ги подготвувате другите помали и поголеми парчиња, а најпрво изрендајте ја кората на портокалите многу внимателно. Од внатрешноста на портокалите насечете по желба разни парчиња, подгответе и парчиња од лимонот.




Потоа ставете го шеќерот и водата да зовријат за шербетот.
Ставете ги прво парчињата да повријат со малку сок од лимон… По некое време, додадете ги полжавите и фигурите од кората, тие се веќе сварени.
Не заборавајте да го извадите конецот!
Слаткото е готово кога ќе стане прозрачно и кога шербетот ќе биде по желба густ.




Додадете го ванилиниот шеќер на крај и оставете го покриено со влажна кујнска крпа да се олади, па потоа ставете го во стерилни тегли.




Уживајте во еден од најубавите десерти!