Рецептот навистина е многу едноставен и брзо се приготвува, а резултатот е неверојатен!
Потребни состојки:
- 500 г готови кори за пита
- 5 јајца
- 250 г сирење или урда
- 200 мл млеко
- 200 мл минерална вода (или јогурт)
- 200 мл масло
- 1 прашок за печење
Подготовка:
Рерната вклучете ја на 200 степени да се загрева додека вие ја приготвувате питата.
Тепсијата за пита обложете ја со хартија за печење и намастете ја. Во еден сад изматете ги јајцата, додадете прашок за печиво и една чаша минерална вода (или јогурт).
Потоа додајте едно мало калапче сирење околу 250 грама (или урда), па издробете го во јајцата и промешајте. На крај додајте го млекото, но постепено, за да не ви дојде многу течна смесата.
Додајте го маслото и промешајте да добиете течност со густина како за палачинки.
Во тепсијата ставете една кора и испрскајте ја со масло. Потоа земете друга кора и згужвана натопете ја во смесата со јајца и сирење, па така растесена и згужвана ставете во еден агол од тепсијата. До неа ставете уште една кора, натопена на ист начин, и уште две или три кори додека да се исполни целата тепсија.
Кога ќе се исполни еден ред гужвани кори, малку испрскајте ги со масло одозгора. На ист начин се редат уште 2-3 реда по 4-5 кори. Се завршува со последна кора со која се завиткува целата пита а краевите се подвиткуваат внатре во тепсијата.
Одозгора се попрскува со остатокот од преливот и се наросува со сусам по желба.
Се пече околу 40-тина минути на 180 степени, додека да зарумени.
Добар апетит!