Печурката вргањ како една од попознатите шумски плодови во нашите краишта претставува посебен деликатес. Доколку сте меѓу оние што ја препознаваат и што ја берат, може да го приготвите вргањот на различни начини.




Иако најсладок е во свежа состојба, сепак, доколку имате поголема количина треба да го конзервирате за зимница.
Измиен, исчистен и исцеден може да се замрзнува, може да го приготвите во тегли со маринада или со масло.




Потребни состојки:
- 20 кг вргањ,
- 29 тегли од 680 гр.,
- 7 литри вода,
- 2 кесички лимонтус,
- 200 мл оцет,
- 100 г сол,
- неколку ловорови листови,
- неколку зрна пимент/црн пипер
- вода и оцет 50:50 (за прелевање)




Начин на подготовка:
Од дадените состојки со 20 килограми вргањ може да направите 29 тегли со големина од по 680 грама.
Во големо тенџере (од 10 литри) наполнете го со вода 7 литри и ставете го на оган. Додадете 2 кесички лимонтус, 200 милилитри оцет (по ваш избор), 100 грама сол, неколку ловорови листови и неколку зрна црн бибер.




Кога водата ќе зоврие во неа ставете го исчистениот вргањ кој претходно е исечкан на крупни парчиња. Оставете да се вари 10 минути, а потоа со решеткаста лажица вадете го и редете го во празни тегли. Во секоја тегла ставете по еден ловоров лист и неколку зрна црн бибер.




Во друго тенџере ставете вода и оцет, но односот да биде половина на половина (50:50) за да биде послаб растворот. Со оваа течност прелијте ги веќе подварените печурки.
Затворете ги добро теглите, наредете ги во плех од рерна, но внимавајте да не се допираат една до друга.




Вклучете ја рерната на 100 степени и оставете ги да се пастеризираат еден час. По тоа време исклучете ја рерната, но теглите оставете ги внатре да се оладат постепено преку цела ноќ.
Изладените тегли вадете ги од рерна и уживајте во овие шумски плодови.




Добар апетит!