Иако кај нас мешањето на месо и шеќер (или мед) не е многу популарно, ниту пак традиционално, но тоа не значи дека една ваква комбинација нема да ви се допадне. Напротив, ние сме сигурни дека ќе уживате во богатството на вкусови. Затоа, пробајте!




Состојки:
- 700 г свинско каре
- 110 г кафеав шеќер
- 1 главица кромид
- 1 млад кромид (за декорација)
- 1 кафена лажичка црвен пипер
- 1 кафена лажичка (рамна) ѓумбир во прав
- 1 кафена лажичка сол
- 1/2 кафена лажичка црн пипер
- 2 супени лажици масло за готвење
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200 степени. Во подлабок сад измешајте го кафеавиот шеќер со црвениот и црниот пипер, ѓумбирот и солта.
Со половина од смесата добро измачкајте го месото, а остатокот сочувајте го за подоцна. Во тавче за пржење загрејте малку масло, а потоа пропржете го месото додека малку не зарумени од сите страни.




Префрлете го месото во тавче за печење (можете да го ставите врз хартија за печење) и печете го во загреаната рерна 25-30 минути. После 15 минути печење превртете го за да се запече и од другата страна.




Извадете го месото и оставете го да се олади околу 10 минути. Во меѓувреме исечкајте го кромидот на покрупни парчиња и ставете го да се пржи. Исечкајте го месото на потенки парчиња и додадете го во тавчето кога кромидот ќе почне да омекнува. Пропржете ги заедно 2-3 минути, а потоа додадете го остатокот од смесата со шеќер и зачини.




Пржете заедно се додека шеќерот убаво не се растопи, а месото стане малку лепливо од сосот.
Послужете го топло, декорирано со исечкан млад кромид. Одлично оди во комбинација со ориз и со компири.




Пријатен апетит!