Ова е комбинација како салата со лук, но без оцет и полнети похувани пиперки но без похување. Освежува, разблажува и воедно има богат вкус.
За некој ова јадење претставува салата, за други како прилог со главно јадење или прилог со месо.
Состојки:
- 1 кг меснати бабури (може било какви)
- 1 лажица сол (по ваш вкус може помалку или повеќе)
- 1/2 лажичка мелен бибер по вкус
- 100 мл масло
- 180 гр кисела павлака (една мала чашка)
- 180 мл јогурт (мала чашка, а доколку користите поголемо пакување, сите мерки
- треба да бидат со чаша од 200 мл)
- 100 мл вода
- 1 лажица брашно
- лук по вкус (може свеж или во прав)
Подготовка:
Вклучете ја рерната на 200 степени.
Пиперките исчистете ги од дршките и семето, па пресечете ги по средина на половина, а потоа секое парче пресечете го на два или три дела, секако во зависност од големината на пиперките.
Подгответе огноотпорна тава за печење и премачкајте ја со масло. Во неа наредете ги пиперките, прво еден ред кој малку ќе го попрскате со масло, ситно сецкано лукче, посипете со сол и бибер, а потоа наредете го вториот ред пиперки. Се повторува истата постапка и помеѓу секој ред пиперки се посипува масло, ситно сецкано лукче и бибер.
Така подготвени пиперките се ставаат во фурна да се печат околу саат време. Доколку е помесната пиперката потребно е еден час затоа што ќе испушти течност, а за другите пиперки времето е пократко). Преценете сами според тоа каков пипер ќе ставите. Пиперот треба да биде малку запечен, кога ќе ја боцнете со виљушка да биде мека, но никако не смее да се распаѓа.
Изматете ја киселата павлака, јогуртот и брашното, додадете вода и повторно изматете. На крај додадете сол и црн бибер, може и ситно сецкан магдонос, малку ситно сецкано лукче (или лук во прав). Полека рамномерно прелијте ја смесата врз редените пиперки, така да подеднакво се распространи смесата во тавчето.
Пиперките треба да бидат густо наредени во тавата, па дури и едно парче врз друго, за кога ќе се прелие целата да биде облеана во преливот.
Вратете ја тавата во рерна и печете уште 30 минути, додека не зарумени одозгора.
Пријатен апетит!
Извор: domacirecepti.net