Подгответе вкусно и кревко зајачко месо со помош на овој рецепт. Неверојатно вкусно и сочно, со крцкава коричка. Овој ручек ќе ги освои сетилата дури и на оние најпребирливите.
*Дадените состојки се за 8 порции.
Состојки :
- 3 кг зајак
- 1 чајна чаша ориз
- 1 глава кромид
- 1 лажичка нане
- 1/2 лажичка црн бибер
- сол по потреба
- 2 лажици масло
- 1 чајна чаша вода
Начин на подготовка:
Зајакот убаво се чисти од внатрешноста, само се зачувуваат дробчињата кои подоцна ќе ги искористите како состојки за полнењето.
Во длабока тава со малку масло се запржува ситно насечен кромид(1 глава). Откако ќе омекне, се додаваат ситно насечените дробчиња, оризот и зачините како нане, црн бибер и сол. Се пржи додека оризот стане прозрачен.
Со подготвената смеса се полни зајакот, а потоа се затвора на старински начин со шиење.
Полнетиот зајак се става во длабок сад за печење, се полева со вода (1 чајна чаша) и се покрива со фолија.
Се става да се пече околу час и половина, на 200 степени Целзиусови.
После 1,5 час се отстранува фолијата и се остава да се пече уште половина час на температура од 180 степени, се додека се зацрви убаво. При тоа потребно е често да се прелева со сосот од тачата кој се создал при печењето. На тој начин месото добива неверојатна арома и прекрасна коричка.
На здравје!