Вафлите се еден од наједноставните десерти кои можете да ги послужите како појадок, но и како десерт – кој и да го сакате.




Тие се слични на палачинки и сите ги сакаат. Пред вас е рецепт за т.н меки вафли – оние чија смеса се истура во сад за печење со лажичка. Внатрешноста е мека и прекрасно воздушна. Мирисаат на ванила и се навистина вкусни.
Состојки:
- 250 гр брашно
- 1 прашок за пециво (10 g)
- 1/2 лажичка сол
- 50 гр путер
- 2 јајца
- 40 гр шеќер
- 1 лажичка арома на ванила
- 480 мл млеко
Подготовка:




Во еден сад измешајте брашно, прашок за пециво и сол. Растопете го путерот во тавче на шпорет или во микробранова печка и оставете го на страна да се излади.




Одделете ги жолчките од белките. Во сад со жолчките ставете шеќер и арома на ванила и убаво измешајте со жица. Додадете изладен путер. Потоа наизменично додавајте половина од млекото и сувите состојки, а потоа остатокот и сето убаво измешајте во мазна смеса без грутки.




На самиот крај со миксер изматете ги белките во снег, додајте ги во смесата и лесно изматете со жица. Треба да добиете воздушеста мазна смеса, слична на палачинки само малку погуста.




Земете го апаратот за вафли и вклучете го да се загрее. Кога ќе се загрее, користете силиконска четка за да го премачкате со масло во тенок слој. Истурете ја смесата во средината со лажичка, ќе видите колку што треба и покријте. Печете додека вафлите не добијат убава златна боја, околу 4-5 минути.




Внимателно подигнете ги вафлите со вилушка и дрвена шпатула и извадете ги на решетка. Доколку сметате дека е потребно, повторно подмачкајте ги плочите на апаратот со масло. Послужете ги вафлите по желба.
Пријатно!