Бел-маш е пастирски специјалитет што се подготвувал на балканските простори со векови. Ова едноставно, но вкусно јадење се прави според рецепт стар 200 години!




Подготовката на вкусните традиционални јадења е карактеристика на скоро сите наши краеви. Во зависност од регионот и начинот на подготовка, сепак може малку да се разликува.




Покрај вкусот и аромата, овој специјалитет има интересно име.
Зборот бел, асоцира на бојата на белото сирење и млеко, додека зборот маш го поврзувале со маж кој ја претставува јачината на ова јадење. Како што тврдат древните искази, ова јадење дава сила и виталност. Има такви преданија кои велат дека терминот ”белмаш” значи сопруг кој го обелил образот и се оженил, затоа се сметало како основна храна на младоженецот.




Ова традиционално јадење со специфичен вкус и едноставни состојки, сеуште се прави во некои домаќинства. Иако е потребно само урда и брашно, за да се направи овој специјалитет, не секој може да успее да го направи.
Сепак квалитетот на домашните состојки, искуството и рецептот што се чува и пренесува со години, се клучни за вкусот на јадењата што претставуваат уникатно наследство.
Ви го претставуваме овој стар рецепт кој со години бил секојдневен оброк на балканските пастири.
За подготовка на Бел-Маш, потребно е да имате домашна свежа урда, да не биде постара од два дена… Се запржува со малку пченкарно или пченично брашно.




Потребни состојки:
- 600 гр. несолена свежа урда
- 100 гр. пченично бело брашно Т-500
- 50 гр. пченкарно брашно
- 0,5 лажичка сол
- масло по потреба
Начин на подготовка:
Најпрво ставете ја урдата во длабока тава, за пржење, со малку масло и оставете на тивок оган да се загрее.




Мешајте со дрвена лажица и кога урдата ќе започне да се готви и да се топи, постепено додавајте го брашното со постојано мешање. Мешајте околу 15-20 минути, додека масата не се оддели од садот. Додадете сол по вкус.
Кога масата ќе почне да се одделува од садот и се одделува маснотијата, тогаш се прави бел-маш.
Сервирајте со кисело млеко или сезонска салата.




За подобар вкус, наша препорака е да поросите со толчена сува пиперка.
Добар апетит!